Конект е здружение на граѓани од Македонија формирано во јуни 2008 од страна на неколку ентузијасти кои веруваат дека Македонија има потенцијал да се развива потпирајќи се на локални ресурси и капацитети.
Нашата мисија е поттикнување и промовирање на приватното донирање и општествената одговорност насочено кон ефективен и долгорочен развој на Македонија. Нашата мисија ја остваруваме преку:
- Поттикнување на поединците и семејствата да донираат мудро и обмислено;
- Поддршка на деловните субјекти, без оглед на големината, да донираат и вложуваат во заедницата стратешки и со долгорочно влијание;
- Поттикнување на луѓето насекаде низ Македонија да ги осмислат своите донации – и малите донации кога се здружени можат да променат многу;
- Подигнување на свеста за потенцијалот на филантропијата да постигне вистинско влијание во општеството.
Покрај нашето делување во доменот на филантропијата, Конект е посветена и на промовирање и поттикнување на општествената одговорност на претпријатијата (ООП). Веруваме дека кога ООП се интегрира во бизнис стратегијата, му овозможува на претпријатието зголемена продуктивност, иновативност и долгорочен одржлив развој. Во таа насока, преку Конект CSR им нудиме поддршка на претпријатијата во развивањето на нивните стратегии, приоди и извештаи во доменот на ООП.
Активностите на Конект вклучуваат:
- директни консултации и услуги на претпријатијата, поединците и нивните семејства;
- застапување за законска рамка и опкружување кое ќе ја поттикнува филантропијата и општествената одговорност на претпријатијата;
- анализи, истражувања и подготовка на извештаи;
- споделување на добри практики и споредбени искуства;
- поддршка на непрофитните субјекти (здруженија на граѓани, фондации, јавни институции итн) за тоа како да бидат доверливи приматели на донации.
Во нашето работење, особено внимание посветуваме на поддршката во градењето на суштински и продуктивни меѓусекторски партнерства помеѓу претпријатијата и непрофитните организации, јавните институции и заедниците.
Конект е партнер-имплементатор во рамки на Проектот за јакнење на граѓанско општество финансиран од УСАИД и спроведуван од Институтот за трајни заедници. Реализираме проекти во соработка со Американската Стопанска Комора во Македонија (AmCham), Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО) како и со други претпријатија и нивни асоцијации.
Конект е членка на Мрежата на Глобалниот договор на ОН во Македонија и заменик член на Националното координативно тело за ООП на РМ.






